Списанието ИСТОРИЈА, коешто излегува во рамките на активностите на Здружението  на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ) претставува релеватен фактор за развој и афирмација на историската наука и методиката на наставата по историја. Станува збор за списание со долгодишна традиција (1965) во кое објавувале еминентни домашни и странски научни работници. Од 2012 година текстовите во списанието ИСТОРИЈА се печатат на македонски јазик и на светските јазици и со меѓународна редакција.
Списанието е од интердисциплинарен карактер и содржи прилози во кои се обработуваат различни аспекти од историјата и  воопшто од културата во Македонија, почнувајќи од античкиот период па се до нашето современие.
Освен научно-историска  проблематика  списанието содржи и прилози во кои се разработуваат новите методологии и дидактички потфати во организирањето на часовите по историја во средните училишта. Тука особено треба да се истакне улогата на професорите по историја, кои со свои наслови и сугестии придонесуваат за развој и усовршување на квалитетот на наставата по историја во Република Македонија следејќи ги најсовремените трендови во образованието за аудио-визуелно презентирање на обработувата проблематика.   Списанието ИСТОРИЈА изобилува со различни материјали, известувања за историски и културните настани,  научни собири, прикази, рецензии и библиографии. Широкиот спектар на опфатени теми придонесува за евидентна афирмација  на списанието ИСТОРИЈА меѓу учениците од средните училишта и студентите кои настојуваат да го надградат своето знаење од областа на историската наука во поширока смисла, но и за активностите на Здружението на историчарите како активен и релевантен субјект за развој и афирмација на историската наука и наставата по историја во Република  Македонија.